Изгласани три амандмани на Уставот
![Изгласани три амандмани на Уставот](https://gdb.rferl.org/D6961FCD-0937-4C08-8F47-609128633966_cx0_cy7_cw0_w800_h450.jpg)
Пратениците од Комисијата за уставни прашања изгласаа три амандмани на Уставот, кои се предложени од Владата. Од нив 33 и 34 амандман беа изгласани со осум гласаа „за“, а двајца беа воздржани, немаше против. За 35 амандман ,пак, десет пратеници гласаа „за“.
Во Комисијата за уставни прашања се дебатира за предлог-амандманите на Уставот, вклучувајќи го тука и предложениот уставен закон за нивно спроведување. Во фокус на дебатата беше државјанството односно членот 2 и ставот 2 каде што се предвидува државјанството да биде „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“.
Со оваа формулација не се согласуваат пратениците од Алијансата на Албанците Зијадин Села и Фадил Зендели од Беса. Пратениците Соња Мираковска од НСДП и опозицискиот пратеник Панчо Минов од ГРОМ, пак, ги поздравија интервенциите во предложените амандмани по собраниската дебата и јавните расправи организирани од Владата.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи реплицирајќи им на пратениците Албанци рече дека интервенциите се направени во согласност со Договорот од Преспа, што беше и причина за уставни измени, додека етничките прашања се опфатени со Охридскиот рамковен договор, кој ќе стане составен дел на Уставот.
За Предлог-уставниот закон беа поднесени седум амандмани и тоа Алијансата на Албанците, од Беса, Мухамед Зекири и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Амандмани на предлог-амандманите за пленарната седница може да се понесуваат најдоцна осум дена пред почетокот на седницата, која е закажана за 9 јануари следната година.