Затворени 33 пристаништа во Перу поради големите бранови
Властите во Перу наредија затворање на 33 пристаништа поради исклучително големите бранови кои поплавија одредени туристички места, пренесува новинската агенција Франс прес, додавајќи дека брановите немаат врска со цунамито во Индонезија.
Центарот за вонредни ситуации соопшти дека туристите и капачите се евакуирани од тие зони, претежно на северот на земјата.
Брановите поплавија некои хотели и рибарски места на плажите. Нема регистрирано жртви.
Морнарицата претходно предупреди на можност од големи бранови поради бурата во северниот дел на Тихиот Океан. Се предвидува дека ситуацијата ќе се стабилизира во текот на денот. Морнарицата додава дека тој феномен не е поврзан со цунамито кое ја погоди Индонезија.