Заев засега не планира реконструкција на Владата
Премиерот Зоран Заев засега не планира поголема реконструкција на Владата и верува дека денеска во Парламентот ќе бидат поддржани предлозите за разрешување на двајцата министри Аксел Ахмедовски и Аднан Ќахил, за на нивно место да бидат поставени Музафер Бајрам и Елвин Хасан.
„Предлозите за разрешување на двајцата министри во Парламентот се одлуки донесени од страна на раководствата на политичките партиципиенти во власта, кои бараа соодветна замена“, изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања по презентација на проектите од Вториот инвестициски бран од Планот за економски раст.
Тој изрази задоволство и се заблагодари на соработката со двајцата министри и додаде дека размислува да ги покани за ангажман во јавниот сервис, преку извршната власт.
Заев повтори дека дефинитивно не се кандидира за претседател на државата. Премиерот е оптимист дека на седницата на 9 јануари за уставните измени ќе има двотретинско мнозинство или 80 пратеници. „Потврдија 76 патеници со кои разговарав, но тоа не значи дека сите други одбиваат. Верувам дека и навистина може да се успее да се добие поддршка од 85 – 90, а дај боже и повеќе. Тоа е и целта и затоа имаме вака инклузивен процес“, изјави Заев.
Премиерот, во однос на идејата за останување на пратениците во јавна служба, рече дека нема да се донесе таков закон.