Амнестија за „27 април“ побарал и адвокатот Еленко Миланов
Меѓу 62-те лица кои поднеле барање за амнестија за насилствата во Собранието од 27 април минатата година е и адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на неколку од обвинетите за случувањата. Пред почетокот на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, судијката Добрила Кацарска го праша дали можеби е обвинет за настаните од 27 април.
„Ваше законско право е да поднесете барање за амнестија, но не знам по кој основ е. Дали можеби и вие сте обвинети“, праша судијката Кацарска.
Рочиштето требаше да продолжи со изнесување дополнителни докази предложени од одбраната на обвинетите Митко Чавков, Душко Лазаров и Игор Југ, но поради важечката амнестија судијката Кацарска побара обвинетите да одлучат дали доказите да се изведат денеска или на следното рочиште кога, како што рече, ќе се знае дали некој е амнестиран или не.
Обвинителката Ивана Трајчева побара доказите сепак да се изведат, а тоа го поддржа и поголем дел од одбраната на обвинетите. Да продолжи изведувањето на доказите побараа и обвинетите Јане Ченто и Игор Југ, кои не поднесоа барање за амнестија.
Судот одлучи да продолжи изведувањето на доказите од одбраната на обвинетиот Душко Лазаров.