Трамп во ненајавена посета на американските војници во Ирак
Американскиот претседател Доналд Трамп ненајавено ги посети американските војници во Ирак. Белата куќа денеска соопшти дека претседателот пристигнал во воздухопловната база Ал-Асад, западно од Багдад, откако вчера го напуштил Вашингтон. Со него била и неговата сопруга Меланија.
Трамп беше остро критикуван зашто не ги посетил американските војници во ниедна борбена зона откако стана претседател. Во октомври, тој рече дека не мисли дека таквите посети се „претерано неопходни“.
Патувањето доаѓа кусо откако Трамп најави комплетно повлекување на американските војници од соседната Сирија. Тие сега им помагаат на курдските милиции за целосно искоренување на терористичката организација Исламска држава.
Пентагон исто така соопшти дека повлекува половина од околу 14 илјади војници од Авганистан.
САД имаат околу 5000 илјади војници во Ирак за поддршка на локалните безбедносни сили во борбата против Исламската држава. Трамп денеска рече дека не планира да ја намалува таа бројка и рече дека Ирак може да се користи како база за напади врз Исламската држава во Сирија, ако има потреба.
Белата куќа соопшти дека на враќање Трамп ќе застане и во базата Рамштајн во Германија.