ВМРО-ДПМНЕ бара да не му се одзема имунитетот на Димовски
Во Собранието на Македонија Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска одлучува по барањето за одобрување притвор на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, поднесено од скопскиот Кривичен суд, Одделение за организиран криминал и корупција.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и координатор на пратеничката група на опозицијата Никола Мицевски побара од пратениците да размислат дали оваа пракса треба да продолжи. Тој тврди дека Собранието се претворило во институција во која пратениците се судат меѓу себе. Пратеникот Влатко Ѓорчев, пак, рече дека ова било одмазда затоа што Димовски не гласал за уставните измени.
Пратеникот од владејачкото мнозинство кој е и претседавач со комисијата Павле Богоевски вели дека тие со гласање не го ставаат пратеникот од Социјлистичка партија во притвор, туку дозволуваат судот да одлучува, при што имаше реакции од пратениците од опозицијата.
Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.
Од Кривичниот суд вчера попладне информираа дека триесетдневен притвор добиле поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и заменик министерот Кристијан Делев, додека на поранешниот министер Ацо Спасеновски заради утврдени здравствени проблеми му е определена мерка куќен притвор.