Вајгл: Опозицијата вети конструктивност за реформите
![Вајгл: Опозицијата вети конструктивност за реформите](https://gdb.rferl.org/9368182E-6A7A-4EB3-BBE7-0DD36800F9E6_w800_h450.jpg)
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл по средбата со лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, порача дека добил уверување дека опозицијата ќе биде конструктивна за реформите потребни за ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Нагласив дека главен интерес на Европскиот парламент и мој како известувач за Македонија е да продолжи земјата по патот кон ЕУ и Унијата да го одржи ветувањето да почнат преговорите во јуни, а Мицкоски рече дека ВМРО ќе соработува со владата за реформите и законодавството врзано за членството во ЕУ и дека ќе биде партнер од доверба“, истакна Вајгл.
Мицкоски ги повторил критиките на неговата партија кон Преспанскиот договор, но Вајгл не верува дека ВМРО-ДПМНЕ би ја довел спогодбата во опасност доколку дојде на власт.
Мицкоски изразил загриженост и за претстојните претседателски избори и побарал да биде обезбедено силно присуство на странски набљудувачи, соопшти Вајгл.