Трамп ќе се сретне со Ким на 27 и 28 февруари во Виетнам
Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер објави дека неговата средба со севернокорејскиот лидер Ким Џинг Ун ќе се одржи во главниот град на Виетнам, Ханој, на 27 и 28 февруари. Засега не е позната точната локација на средбата.
„Моите претставници тукушто ја напуштија Северна Кореја после многу продуктивен состанок. Самитот ќе се одржи во Ханој, во Виетнам, на 27 и 28 февруари. Се радувам на состанокот со претседателот Ким и напредокот на мирот“, наведе Трамп.
Американскиот пратеник за Северна Кореја, Стивен Бајган, вчера ја заврши тридневната посета на Пјонгјанг, каде што работеше на подготовки за Самитот. Претставниците на двете земји договорија уште една средба пред почетокот на Самитот.
„Северна Кореја под управа на Ким Џонг Ун ќе стане голема економска сила“, оцени Трамп во друг твит.
Според него, „некого тоа може да го изненади, но не и него“, зашто го запознал Ким и „потполно е свесен за што сè тој е способен“.