Франција го потпиша протоколот за НАТО
Франција го потпиша протоколот за НАТО, а што се однесува до ЕУ пристапните преговори со Северна Македонија, тие ќе се отворат откако земјата ќе ги исполни сите критериуми, вели во интервју за МИА француската министерка за европски прашања Натали Лоазо.
„ Оваа храбра одлука, Договорот од Преспа, овозможи да се потпише протоколот за членство во НАТО и претставува огромен напредок за безбедноста на Северна Македонија. Франција го потпиша истиот и се радува што ќе бидеме сојузници во рамките на Северноатлантската Алијанса. Што се однесува до приближувањето на Северна Македонија кон Европската Унија: пристапните преговори ќе се отворат откако Северна Македонија ќе ги исполни сите критериуми. Европската Унија пак, од своја страна, ќе треба прво да ги реализира неопходните реформи за нејзино реформирање пред да се случи ново проширување,“ вели министерката Лоазо.
Во пресрет на нејзината посета на Скопје, запрашана дали успешната реализација на Преспанскиот договор ќе биде доволна да ги започнеме преговорите со Европската унија, Лоазо е децидна дека приближувањето кон ЕУ наложува други критериуми, но и додава дека за тоа прашање ќе се разговара на самитот на ЕУ во јуни кога се очекува ЕК да го објави извештајот за земјата.
Таа посакува ратификацијата на Пристапниот протокол за НАТО да се случи што поскоро, но тоа, вели, зависи од Парламентот на Франција.