Рочиштето за „Таргет-Тврдина“ продолжува на 14 март
Главната расправа за случајот „Таргет-Тврдина“ продолжува на 14 март со испрашување на сведокот Ѕвонко Костовски од страна на Специјалното јавно обвинителство.
Костовски денеска во Кривичниот суд рече дека разузнавачот Горан Грујевски и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, располагале со компјутери со кои имале директен пристап во системот за следење комуникации.
Костовски посочи дека Ѓорѓи Лазаревски во 2010 година го убедил да вади материјал од незаконското следење на комуникациите и оти првата снимка ја направил на крајот на 2010 година со СМС пораки меѓу тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министрите Миле Јанакиески и Антонио Милошоски.
„Додека ги преземав податоците воопшто немав контакт со Зоран Верушевски. Со него контактираше колегата Ѓорѓи Лазаревски. Решив да прекинам со преземањето зошто немаше никаков ефект и немавме каде и кому да пријавиме и ние ќе бевме на удар. Затоа сметавме дека е најбезбедно да му пријавиме на Верушевски за кого сметавме дека е професионалец“, рече Костовски.
Додаде дека кон крајот на септември 2014 година дознал дека материјалите му биле предадаени на лидерот на опозицијата. Тоа му го соопштил Горан Грујевски, кој му рекол дека Зоран Заев бил кај премиерот и му се заканил со снимките за кои рекол дека потекнуваат од странски служби. Му наложил да провери во системот дали се експортирани снимки.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.