Трамп и Ким Џонг Ун се поздравија и се сликаа во Виетнам
![Трамп и Ким Џонг Ун се поздравија и се сликаа во Виетнам](https://gdb.rferl.org/28D9A456-2963-4B70-8BDF-08200DEFE8A4_w800_h450.jpg)
Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се поздравија и кратко поразговараа пред почетокот на дводневниот Самит во хотелот Метропол во главниот град на Виетнам, Ханој, на кој треба да разговараат за нуклеарната и ракетна програма на Пјонгјанг.
Трамп пред новинарите изјави дека мисли оти разговорите ќе бидат многу успешни и оти тој „не отстапува од денуклеаризација“.
Трамп се обидува да најде начин да постигне некаков договор со Ким. Нивната прва историска средба, прва меѓу еден претседател на САД и лидер на Северна Кореја, беше одржана во Сингапур во јуни 2018 година. Сепак, по првата средба имаше мали знаци на напредок.
Трамп во Ханој пристигна со претседателскиот авион, додека Ким до границата пристигна со специјален блиндиран воз по тридневно патување од 3000 километри низ Кина, а потоа до Ханој дојде со автомобил.
Пред тргнувањето од Вашингтон, Трамп на Твитер напиша дека „со целосна денуклеаризација, Северна Кореја брзо ќе стане економски центар. Без тоа, ќе остане иста. Претседателот Ким треба да донесе мудра одлука“.