Косовскиот државен врв се сретна со делегација на американскиот Cовет за безбедност
![Косовскиот државен врв се сретна со делегација на американскиот Cовет за безбедност](https://gdb.rferl.org/5A1D62B5-348F-433B-B7FE-94DB69C0EC2F_w800_h450.jpg)
Претставници на Националниот совет за безбедност на Соединетите Американски Држави беa примени денеска
во кабинетот на претседателот на Косово Хашим Тачи, на средба на која присуствуваа и претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај, јави МИА од Приштина.
Шефот за европски прашања при американскиот совет Џон Ерат и членот на Советот Вилиам Беркли пред денешната посета на Приштина, вчера и завчера престојуваа во Белград, каде што се сретнаа со српскиот министер за надворешни
работи Ивица Дачиќ и со други претставници на српските власти.
Харадинај, кој прв го напушти денешниот состанокот, не даде изјава за медиумите, но „Газета Експрес“ дознава дека тој повторно го одбил американскиот предлог за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека на средбата со американските претставници нагласил оти „Косово е подготвено за законски обврзувачки договор со Србија кој ќе резултира со меѓусебно признавање во постоечките граници, односно со признавање на Косово од 17 февруари 2008 година“.
"Исто така, Косово е подготвено за преземање на правата и обврските од зачленувањето во НАТО, во Обединетите нации, Европската унија и другите меѓународни организации, како и за добрососедски односи", напиша Харадинај.