Османи: Со Албанија градиме односи кои се израз на блискост.
![Османи: Со Албанија градиме односи кои се израз на блискост.](https://gdb.rferl.org/8677E05C-64B1-40DA-B764-7832389EA845_w800_h450.jpg)
Албанија и Република Северна Македонија ќе ги здружат силите и ќе ја зајакнат координацијата меѓу институции во делот на воспоставување на преговарачките структури во очекување во јуни да добијат зелено светло за отпочнување преговори за членство во Европската унија.
Ова го потенцираа денеска на прес-конференција во Скопје вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и вршителот на должност министер за надворешни работи на Албанија Гент Цакај, кој е и овластен министер за Европа. И Османи и Цакај, како главни политички преговарачи на двете земји денеска по средбата во СЕП напоменаа дека ќе работат зајакнато во престојниот период во меѓусебно консолидирање на пристапот во почетокот на преговорите, кои се надеваат дека ќе ги почнат по препораката, што државите би ја добиле во јуни.
"Како главни преговарачи со ЕУ разговаравме и за блиската координација во овој период во делот на воспоставување на преговарачките структури во државите и заедничка координација на активностите, бидејќи двете држави се на ист пат, во јуни да добиеме датум за почеток на преговорите. Една таква синергија во нашето координирање ќе им помогне на двете земји да можат полесно да ги реализираат реформскиот процес, преку размена на искуства, но и да ги убедиме земјите-членки дека овој регион треба да биде дел од ЕУ и дека со тоа се консолидира и стабилноста и безбедноста на целата Унијата", истакна вицепремиерот Османи.
Цакај се надоврза дека е потребно да се вклучат сите елементи во процесот на соработка меѓу двете земји, со цел да се овозможи размена на искуства на пат на евроинтеграциите.
"Станува збор за мошне важен процес за зголемување на нашите капацитети за отворање на преговорите. Разговаравме за организацијата на структурите во преговорите, што е поврзано со капацитетите на нашите институции и можноста да се соочат со сите предизвици во текот на преговорите", рече Цајак.