Илјадници туристи блокирани во Тајланд поради авиоблокадата во Пакистан
Илјадници туристи се блокирани на аеродромот во Бангкок, еден ден по затворањето на пакистанскиот воздушен простор поради зголемувањето на тензиите со Индија, но авиокомпанијата Таи ервејз доби дозвола да лета преку Кина и летовите денеска ќе бидат продолжени. Со блокадата се погодени 30 летови, главно од и до Европа, кои треба да превезат околу пет илјади патници. Откако Иран одби да дозволи прелет преку негова територија, компанијата доби дозвола од Пекинг да го користи кинескиот воздушен простор и денеска ќе ги продолжи летовите.
Во меѓувреме расте нервозата кај патниците заглавени на аеродромот во Бангкок, кој е голем центар за трансконтинентални летови. Исламабад вчера објави дека го затвора својот воздушен простор, откако соопшти дека урнал два индиски воени авиони. Индија, пак, тврди дека изгубила еден авион и дека урнала еден пакистански авион.