Хоџај: Односите Косово – Америка на најниско ниво досега
Косовскиот вицепремиер и член на државната делегација за преговори со Србија, Енвер Хоџај изрази загриженост поради, како што вели, „најниското ниво на односи“ меѓу Косово и Соединетите Држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџај во објава на Фејсбук, по денешната средба на косовскиот преговарачки тим со претставниците на американскиот Национален совет за безбедност, кои престојуваат во дводневна посета на Косово, порача дека Приштина мора да го исполни барањето на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Тој ја оцени како одлична средбата со двајцата високи претставници на американскиот Совет за безбедност, Џон Ерат и Бред Беркли, но порача дека косовските институции треба да се замислат „во однос на добронамерното американско барање за суспендирање на такста и за отворање на можноста за постигнување договор (меѓу Косово и Србија) во текот на оваа година“.
Порaнешниот шеф на косовската дипломатија порача дека Косово „никогаш не смее да ги стави под знак прашање поддршката од Америка и партнерството со неа“.