Тунискиот министер за здравство поднесе оставка по смртта на 11 бебиња во болница
Тунискиот министер за здравство Абдерауф Шериф поднесе оставка по смртта на 11 новороденчиња во болница во главниот град Тунис, само четири месеци откако беше именуван на функцијата, пренесува Би би си.
Сите бебиња починале од септички шок во породилиштето Рабта во четвртокот и во петокот.
Туниското педијатриско друштво на Фејсбук објави дека инфекцијата може да биде предизвикана од производот за интравенозна исхрана и ги повика властите да го расветлат случајот, критикувајќи ги „опасните услови“ во кои работат здравствените работници.
Премиерот Јусуф Чахед изјави дека е отворена истрага.
Туниското државно здравство важи за едно од најдобрите во Северна Африка, а земјата е позната по медицинскиот туризам како значаен извор на приходи за земјата.
Сепак, од соборувањето на претседателот Зин Ел-Абидин Бен Али во 2011 година, здравствениот систем се соочува со финансиски проблеми и периодичен недостиг на лекови, наведува Би би си.