На денешното рочиште за “Триста” , Поповски повтори дека не е виновен
Поранешниот помошник министер на МВР, Ѓоко Поповски, на денешното повторено судење за случајот „Триста“, повтори дека не се чувствува виновен.
“Мислам дека јас и моите бранители ќе докажеме дека не сум виновен за ова дело што се теретам, дека не сум сторил злоупотреба на службената положба и дека не сум нанел штета на МВР, туку е направена голема заштеда. Исто така уште еднаш ќе повторам дека не сум виновен”, рече Поповски.
Апелацискиот суд во Скопје ѝ ја укина пресудата на судијката Добрила Кацарска, која првично го осуди Поповски на казна затвор во времетраење од 9 години. Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра. Поповски е правосилно осуден на 4 години и шест месеци казна затвор за набавката на „мерцедесот“ во случајот „Тенк“ на СЈО.
Наредното рочиште за овој предмет ќе продолжи на 22 март, кога ќе се сослушуваат сведоци.