ЕУ ги приземји авионите Боинг 737 по несреќата во Етиопија
![ЕУ ги приземји авионите Боинг 737 по несреќата во Етиопија](https://gdb.rferl.org/35DCF77D-A1E9-485A-97D3-7DA9457B5BE0_w800_h450.jpg)
Европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај (ЕАСА) денеска издаде директива да се приземјат сите авиони Боинг 737 Макс 8 и 9, по две смртоносни несреќи за пет месеци.
Забраната за летови на тие модели се однесува на целиот воздушен простор на ЕУ. Овој тип авиони, како мерка на претпазливост, ги приземјија и Норвешка, Австралија, Кина, Малезија, Сингапур, Индонезија, Бразил, Мексико, Индија и други земји.
Во Етиопија во неделата се урна Боинг 737 Макс 8 на Етиопиан ерлајнс, при што загинаа 157 луѓе. Авионот се урнал брзо по полетувањето од Адис Абеба на летот за Најроби. Пред пет месеци, исто така неколку минути по полетувањето, во пад на истиот модел на авион на индонезиската компанија Лајон ер загинаа 189 луѓе.
ЕАСА во итната директива наведува дека во почетната фаза на најновата истрага не може да се исклучи можноста дека „слични причини можеби придонеле“ за падот на двата авиони. Агенцијата додава дека компаниите може да изведат еден некомерцијален лет со тие модели за да ги вратат на локација каде што може да бидат проверени.
Пред објавување на директивата, бројни авиокомпании ги приземјија своите авиони од типот Боинг 737, а Велика Британија, Германија и Франција го затворија својот воздушен простор за тој модел.
САД, кои им помагаат на етиопските власти во истрагата за несреќата, соопштија дека е прерано за приземјување на авионите Боинг 737 Макс 8.