Амбасадата на САД реагира на изјавата на Мицкоски за Нинбершкиот процес
Амбасада на САД преку објава на Фејсбук порачува политичките лидери да избегнуваат потпалувачки изјави. Во постот се вели дека потпалувачките изјави на политички лидери предизвикуваат страв и поделби, особено кога некоректно за политички цели се користат историски настани како што е Нирнбершкиот процес.
„Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог во однос на напредокот на земјата. Клучно е лидерите овде да се ангажираат во поцивилизиран дијалог што ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија“, објави попладнево Амбасадата на САД на својот Фејсбук профил.
Амбасадата на САД реагира по вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој го спореди судењето на обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година со Нирнбершкиот процес, односно со судењето на нацистите по Втората светска војна.