Одреден куќен притвор за Јакимовски
Судот вечерва одлучи на поранешниот градоначалник на општина Карпош и актуелен претседател на опозициската партија ГРОМ Стевчо Јакимовски да му одреди мерка куќен притвор поради здравстени причини. За него обвинителството бараше изрекување мерка притвор. За осомничениот Т.К. е одбиен предлогот на обвинителството за притвор поради претходно изречени мерки за претпазливост во случајот Топлик на Специјалното јавно обвинителство, а одбиено е барањето за притвор и за осомничениот В.С. и за него е одредена мерка претпазливост, информираат од судот.
Јакимовски, кој беше приведен утринава и изведен пред судија на претходна постапка е осомничен дека со злоупотреба на службена должност го оштетил буџетот на општината за речиси милион евра.
Со легализирање на времени бараки кои требало да се урнат, поранешниот градоначалник на општина Карпош се сомничи дека го оштетил буџетот затоа што овозможил фирма преку легализацијата да купи државно земјиште за 11 илјади евра и потоа да го препродаде за 600 илјади евра. Јакимовски и осуммина други,меѓу кои и бизнисмени, заработија кривична пријава од одделот за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи.