Премиерот Заев во Брисел на средба со Јункер
Премиерот Зоран Заев попладне заминува во дводневна посета на Брисел каде што ќе се сретне со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, еврокомесарот Јоханес Хан и со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, јавува МИА. Заев со Јункер ќе разговара за последниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија, во кој се препорачува отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Тие ќе разговараат и за претстојната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои треба да ја донесат конечната одлука за стартот на преговорите. Утре премиерот Зоран Заев ќе учествува на конференција организирана од Европската банка за реконструкција и развој, ЕБРД, посветена на реформите и европската интеграција, заедно со министерот Кочо Анѓушев. Во владината делегација е и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како и министрите за одбрана, Радмила Шеќеринска, за надворешни работи Никола Димитров и министерот за финансии Драган Тевдовски.