Граѓански организации со повик до Заев против урбанистичкото дивеење
Граѓански организации упатија јавен повик до Владата и до премиерот Зоран Заев да покажат, како што наведуваат, суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење, владеењето на правото и распродавање на јавниот интерес, во врска со Деталните урбанистички планови во Скопје.
„Еден од многуте, но последен драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц 08Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел Холидеј Ин), парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници“ се наведува во повикот.
Организациите ја повикуваат Владата да го поддржи мораториумот на Општина Центар за ревидирање посочениот ДУП, како и сите други ДУПови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а со тоа, според нив, погубни за центарот на Скопје. Воедно повикуваат и другите надлежни институции да го поддржат нивното барање и да се спречат опструкциите за изработка на поквалитетни планови.
„Бараме од Вас јавно да покажете дека не го поддржувате финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови. Очекуваме институциите на системот да ги стават граѓаните на прво место и да преземат конкретни чекори. Во спротивно ќе побараме политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот. Време е да се докажат поинаквите вредности за кои сите декларативно се залагаме“ порачуваат 15 граѓански организации потписници на јавниот повик.