Поранешни лидери од регионот со декларација побараа храбри одлуки на ЕУ
Од суштинска важност е да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија се наведува во Декларацијата потпишана во рамки на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“. Присутните членови од Подгоричкиот клуб во декларацијата ја нагласуваат важноста да се задржи позитивната динамика во процесот на проширување.
„Да истакнеме дека натамошното одложување на донесувањето на овие одлуки во современото геополитичко и геоекономско опкружување би можело да има особено негативно влијание врз развојот на настаните и на внатрешен план во самите држави, но и во целиот регион“, стои во Декларацијата.
Во неа се додава и дека сите се сведоци на предизвиците во однос на светскиот поредок заснован на поделени демократски и општествени вредности и можното негативно влијание на таквите предизвици врз Западен Балкан.
Тие воедно ја повикуваат ЕУ и сите релевантни меѓународни актери кои го промовираат мултилатерализамот, да ги поддржат нивните напори, да ги увидат предизвиците, и да помогнат да се одбрани европскиот наратив на проширување и интеграција и тоа, не само преку бирократските норми на пренесување на европското законодавство, туку и со храбри и далекусежни политички одлуки.
Свој потпис на декларацијата ставија- поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски и поранешните претседатели на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Алфред Мојсиу и Реџеп Мејдани, на Хрватска Стипе Месиќ, на Словенија Данило Тирк, на Косово Фатмир Сејдиу, поранешните премиери на Хрватска Јадранка Косор и на Србија Мирко Цветковиќ, како и поранешниот претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија.