Јункер:Ќе сторам се да ги убедам членките Северна Македонија да почне преговори
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер денеска рече дека засега нема целосна согласност меѓу земјите членки на Европската унија да се одобри отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија. Тој рече оти знае дека некои земји членки имаат одредена загриженост.
“Ќе направам се што е можно за да ги убедам”, нагласи Јункер.
Јункер, кој денеска во Брисел се сретна со премиерот Зоран Заев, подвлече и дека комисијата јасно проценила дека земјата ги исполнила сите можни услови и дека сега е редот на Европската унија да го одржи своето ветување.
Заев, пак, ги потсети европските соговорници дека земјата имаше јасни задачи кои ги исполни и дека сега очекува европската страна да покаже разбирање.
“Отворањето на преговорите е единствената гаранција за одржување на на домашната стабилност и реформскиот импулс во Северна Македонија со позитивен импулс на целиот регион”, рече Заев.
Минатата недела Европската комисија ја повтори препораката на Советот на ЕУ за одобрување на пристапните преговори за земјава. Првата дебата во таа насока ќе биде одржана на 18 јуни, но нема гаранции дека ќе се донесе конечна одлука. Јункер рече дека целта на Европската комисија е да се донесе одлуката.
Покрај со Јункер, премиерот Зоран Заев се среќава и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.