Ципрас ќе побара распуштање на парламентот следната недела
![Ципрас ќе побара распуштање на парламентот следната недела](https://gdb.rferl.org/204CD38B-C094-420C-AFCC-AE66EA8429D4_w800_h450.jpg)
Проценката на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис е дека премиерот на Грција, Алексис Ципрас во периодот меѓу 10 и 13 јуни ќе ја посети претседателската палата и од Прокопис Павлопулос ќе побара да се распушти Парламентот и да се распишат предвремени парламентарни избори.
"Парламентот ќе биде отворен додека не се закачи Претседателскиот декрет за распуштање, независно дали ќе постојат законодавни процеси", рекол Вуцис.
По лошите резултати за СИРИЗА на европските избори пред десет дена, грчкиот премиер најави дека веднаш по вториот круг од локалните избори одржани во неделата, ќе побара од Павлопулос да распише предвремени избори, а неколку дена подоцна владиниот портапрол Димитрис Ѕанакопулос рече дека Ципрас кај Павлопулос ќе оди на 10 јуни, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, во следните денови, а пред изборите, пратениците ќе гласаат за два меѓународни договора и два закона кои грчката Влада ги донесе во Парламентот. Ова наиде на реакции кај опозициските Нова демократија и Движење на промена кои најавија дека нема да учествуваат во парламентарните процеси.