Гутереш: Белград и Приштина да се воздржат од запаливи изјави
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е загрижен поради тензиите помеѓу Белград и Приштина, со што ги повика сите страни да се воздржат од запалливи изјави и провокации кои би можеле да предизвикаат немири.
Гутереш ова го напиша во најновиот извештај кој треба да биде презентиран пред Советот за безбедност на ОН на 10 јуни и побара без одложување да се отстранат сите пречки за продолжување на дијалогот.
Според извештајот, сериозните тензии меѓу Белград и Приштина остануваат пречка за продолжување на продуктивниот дијалог и претставуваат причина за загриженост кај локалните и меѓународните претставници поради можно влошување на стабилноста, објавуваат српските медиуми.
Гутереш во извештајот објави дека даноците за производи од централна Србија се уште се во сила и дека српскиот претседател Александар Вучиќ најавил контрамерки ако Приштина не ги укине тие даноци.