Шекеринска: НАТО го одржа зборот, сега на ред е ЕУ
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска на ГЛОБСЕК Форумот во Братислава порача дека НАТО го одржал зборот кон Северна Македонија и сега е на ред Европската Унија. Според неа, на подготвеноста на државата да ги реши своите проблеми со соседите, НАТО одговорил со подготвеност да го придвижи процесот за членство. Таа посветеност на овој процес, како што наведе, може да се види и преку брзите ратификации на пристапниот протокол за членство.
„Она што ние го имаме видено во нашата историја е дека вистинските резултати доаѓаат кога овие две организации кои се базирани на истите вредности и истите стратешки цели, соработуваат добро. Во историјата на нашата земја и нашиот регион, секогаш кога ова партнерство функционирало, сите се чувствувале подобро и побезбедно. Нам ни треба силен и јасен НАТО со иста мисија, но ни треба и ЕУ која ќе презема одговорност за својот континент, и тоа не само во однос на одбраната“, рече министерката.