Анѓушев: Стартува реализацијата на 37,5 милиони евра за рурален развој на општините
Владата денеска додели 17 решенија за поддршка на руралниот развој во општините.
Со ова, како што истакнаа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, почнува реализирањето на планираните проекти за поквалитетен живот преку обнова и развој на селата, осовременување на инфраструктурата, изградба на патишта до земјоделските површини, зачувување и унапредување на традиционалните вредности,…
До Владата за поддршка на руралниот развој се пристигнати 202 барања за вкупно 2.407.773.354 денари од 80 општини и осум плански региони.
„За подобрување на квалитет на живот во руралните средини се пристигнати 76 барања за 1.120.188.483 денари, за обнова и развој на селата 64 барања за 624.077.365 денари, за зачувување и унапредување на традиционалните вредности 62 барања за 663.507.505 денари, за инвестиции во пазарна инфраструктура шест барања за 41.269.924 денари, а за патишта до земјоделско земјиште 27 барања за 25.338.173 денари“, информира Анѓушев на прес-конференција во Владата.