Извештај на ОН - Македонија со најголем раст на инвестиции во Западен Балкан
![Извештај на ОН - Македонија со најголем раст на инвестиции во Западен Балкан](https://gdb.rferl.org/B75B48F6-DD31-45D0-8FDA-3BCB3E684021_cx0_cy6_cw0_w800_h450.jpg)
Северна Македонија забележа најголем раст на инвестициите на Западниот Балкан, нотира „Извештајот за инвестициите во светот за 2019 година“ на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD’s World Investment Report 2019). Во извештајот се вели дека приливот на странски директни инвестиции во земјава е зголемен за 260 проценти, односно од 205 милиони долари во 2017 година, инвестициите годинава се зголемени за три пати и изнесуваат рекордни 737 милиони долари.
Директорот на дирекцијата за технолошко индустриските зони ТИРЗ, Александар Младеновски, вели дека ова рангирање е резултат на новите економски политики на Владата.
„Во најголем дел придонес има цврстата определба на Владата за интензивирање на ЕУ и НАТО интеграциите, а со тоа и позиционирање на земјата како стабилна бизнис дестинација која овозможува правна и економска сигурност за инвеститорите“, изјави тој.
Според Младеновски, во изминатиот период интересот за инвестирање во ТИРЗ е зголемен, како од домашни, така и од реномирани странски компании.
Светскиот Извештајот за инвестиции за 2019 година ги поддржува креаторите на политиките преку следење на глобалните и регионалните трендови на директните странски инвестиции и документирање на развојот на националните и меѓународните инвестициски политики. Според UNCTAD, инклузивниот одржлив развој зависи од глобалната политичка средина што е погодна за преку-гранични инвестиции.