Протест „1 од 5 милиони“ во Белград: Во Србија е опасно да се мисли поинаку и слободно
Во Белград синоќа се одржаа 28-от по ред граѓански протести „1 од 5 милиони“ против власта на српскиот претседател Александар Вучиќ, од кој беше порачано дека „во Србија е опасно да се мисли поинаку и слободно, а единствениот начин граѓаните да се борат против тоа е солидарноста“.
Протестот на повеќе илјади граѓани започна пред Теразиската чешма, по што продолжи со протесна прошетка низ централните белградски улици и заврши пред Ректоратот на Универзитетот во Белград.
Дваесет и осмиот протест „1 од 5 милиони“ заврши пред зградата на Ректоратот, каде незадоволните граѓани на покана на организаторите на протестот, тропаа на вратата на институцијата, со цел симболично да ги разбудат властите во Ректоратот, односно Етичката комисија што побрзо да донесе одлука за случајот со докторатот на министерот за финансии Синиша Мали.
Со оваа акција граѓаните сакаа да покажат дека сегашната Влада тропа на вратите на пропаднатите универзитети и факултети во Србија, каде што, според организаторите, е дозволено купување на дипломи.