Северна Македонија доби покана за полноправно членство во БСЕК
Министерството за надворешни работи соопшти дека Северна Македонија добила покана за полноправно членство во Организацијата за црноморска економска соработка на денешниот состанок во Софија. Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева по завршувањето на состанокот истакнала дека одлуката ја донеле едногласно.
„Драго ми е што сите ние едногласно одлучивме да ја испратиме официјалната покана. По ратификацијата на нашата повелба, таа ќе стане полноправна членка“, рече Захариева.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров кој присуствуваше на состанокот имал обраќање во кое ги изнел придобивките и можностите кои ги нуди членството во организацијата.
„Ова е пресвртница за нашата регионална соработка, давајќи ни можност стратешки да ги продлабочиме и зајакнеме нашите заеднички визии, промовирајќи ги предностите што ги нуди овој регион. Земјите членки на БСЕК се и наш економски партнер, не само поради нашата географската положба, туку и поради нашата културолошка и историска поврзаност“, порачал Димитров.