Бубевски: Законодавецот и општеството го држат СЈО во вештачка кома
Обвинителот Гаврил Бубевски денеска изјави дека законодавецот и општеството во овој момент го држат СЈО во некаква вештачка кома. Запрашан за анкетата чии резултати покажуваат пад на довербата на јавноста кон СЈО тој рече дека не постои некој драстичен пад споредено со претходната анкета.
„Но, и разбирливо е сето ова, затоа што и законодавецот и општеството во овој момент Специјалното Јавно Обвинителство го држат во некаква вештачка кома. Со одлуката на Врховниот суд, со непостапувањето и по едно од обвиненијата во судот, се чувствува дека одлуката на Врховен си нашла свој пат и во овој момент освен судење за тие обвиненија што сме ги поднеле во рокот до 30 јуни, ние освен документација што прибираме, немаме други активности и со самото тоа нормално е луѓето да немаат доверба во нашата работа. Но, тоа многу брзо ќе се крене само да ги добиеме можностите“, рече Бубевски.