Мијатовиќ: Неприфатливо е однесувањето на хрватската полиција кон мигрантите
Комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ денеска го критикуваше однесувањето на хрватската полиција кон илегалните мигранти кои доаѓаат од БиХ, а од властите во Сараево побара поодговорен однос кон мигрантите.
Мијатовиќ посебно ја критикуваше праксата на т.н. пуш бек, односно туркање на мигрантите назад преку границата. Таа тактика, според неа е кршење на Конвенцијата за човекови права, вклучително и правото на азил и забрана за мачење.
„Голем број лекари ми дадоа конзистентни изјави за насилство, кое го спроведува хрватската полиција“, изјави Мијатовиќ на прес-конференција во Сараево.
Таа потенцираше дека ќе продолжи да ја следи состојбата со илегалната миграција во БиХ и регионот. Посетата на Мијатовиќ на БиХ е за да утврди колкав е степенот на проблемите на илегалните мигранти и ги посети сите бегалски кампови.