Мицкоски: Заев е виновен за негацијата на македонскиот јазик
![Мицкоски: Заев е виновен за негацијата на македонскиот јазик](https://gdb.rferl.org/074596FD-65BD-4E3E-B95A-6B0C3CA287B3_w800_h450.jpg)
Бугарските ставови дека дека македонскиот јазик не постои се последица на тоа што власта во Македонија лесно тргува со најскапите работи, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот официјален фејсбук профил. Оваа реакција доаѓа откако Бугарската академија на науките излезе со заклучок дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик.
„Заев треба да престане да пишува реакции и дава изјави, туку да понесе одговорност за тоа што тој ја внесе Македонија во ваква лоша позиција и отвори врата за вакви теми и прашања. Проблемот е во сигналите дека во Македонија има влада и премиер кој е меко ткиво за вакви негаторски теми и аспирации,“ вели Мицкоски.
Тој додава дека од независноста па набака немало вакви „негаторски, уценувачки и навредливи ставови кон Македонија“, пишува Мицкоски во реакцијата.
Бугарската академија на науките смета дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.
Ставот на БАН е на линија со Декларацијата на бугарската влада од октомври годинава, која содржи повеќе од 20 услови кои официјално Скопје ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ.
Инаку македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, пред две години го потпишаа Договорот за добрососедство меѓу двете земји, кој, меѓу другото, предвидува формирање мешовита експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба да работи на решавање на отворените прашања.