Заедничката македонско- бугарска комисија паузира поради изборите
Работата на мешовитата македонско - бугарска комисија за историски и образовни прашања, не е прекината, туку паузира поради престојните избори во Македонија, на барање на македонската страна. Извори од македонскиот тим на комисијата, за Радио Слободна Европа, реагираат на изјавата на копретседателот на Комисијата од бугарска страна Ангел Димитров. Тој меѓу другото рече дека наеднаш работата на комисијата претставува внатрешно-политички проблем за Македонците, а оти досега тврделе дека комисијата не работи под политички притисок. Според него големо прашање е дали таа и воопшто ќе продолжи со работа во мај.
Од македонскиот тим велат дека станува збор за нивното барање изнесено на последната средба што се одржа во Софија на 28 и 29 ноември. Тогаш историчарите од македонска страна побараа комисијата да нема формални средби до одржување на парламентарни избори во Македонија за да не се злоупотребува процесот во дневно- политички цели, а до изборите да продолжи работата на комисијата преку размена на забелешки за учебници по историја, препораки, идеи за нивно подобрување, како и за заедничките чествувања.
Историчарите од македонскиот тим велат дека нивната намера е искрена за да се заштити процесот на градење добрососедски односи од политички злоупотреби, како што беше случајот во времето на локалните и европски избори во Бугарија, кога под притисок на некои политички партии се усвои Рамковната позиција на бугарската влада која многу наштети на атмосферата и добрососедските односи.