Новиот државен ревизор очекува завршница, не само проследување на ревизиите
Новиот главен државен ревизор, Максим Ацевски, се надева на плодна соработка со другите надлежни органи, бидејќи, како што вели, се добива впечаток дека тие само ги проследуваат, а во суштина нема завршница по самите ревизорски извештаи. Досега Државниот завод за ревизија во своите извештаи често укажуваше на неправилности за трошење буџетски пари, но другите институции ретко го казнуваа сторителот.
Ацевски минатата недела беше назначен за прв човек на оваа институција, која речиси две години работеше без главен државен ревизор.
Ацевски во интервју за МИА вели дека е оптимист дека до крајот на годината институцијата која сега ја предводи ќе си ја заврши работата, а ако нешто не се заврши може да се префли и за првите две недели од следната година. Од вкупно предвидените 54 ревизии за оваа година, само 11 се комплетно завршени, а 12 се уште во тек и треба да завршат до 31 декември. Останатата 31 ревизија биле спроведени, но постапката не можеше да биде завршена затоа што до именувањето на Ацевски немаше одговорно лице за да стави потпис.
Тој се надева дека сите субјекти кои ќе бидат предмет на ревизија ќе соработуваат и ќе ги применуваат препораките. Новиот ревизор вели дека ќе работи и на зголемување на капацитетите на институцијата, со оглед на тоа што имаат недостиг на кадар. Заводот за ревизија ревидира над илјада институции, но не сите одеднаш.
Кон крајот на 2017 година истече мандатот на претседателката на Заводот за ревизија, Тања Таневска, а потоа со ДЗР раководеше заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми, но неговиот мандат истече на 4 октомври, без да биде назначен овластен потписник. Функционирањето на институцијата беше доведено во прашање.