Се истражува милионска афера со лекови против рак во Германија
Стотици полицајци денеска извршија претрес на 47 имоти во Германија како дел од истрагата спроведена поради сомнение за измама со лекови против рак, пренесе германската новинска агенција ДПА.
Истрагите биле насочени кон 14 осомничени лица, меѓу кои и девет лекари, тројца фармацевти и двајца раководители на фармацевтски компании, соопшти портпаролката на обвинителството во Хамбург. Операцијата, во која учествуваа 420 полицајци и шест обвинители, беше спроведена во државите Хамбург, Шлезвиг-Холштајн и Долна Саксонија.
„Станува збор за мито и корупција во здравствениот сектор и сметководствена измама, како во врска со рецепти, така и со наплата за цитостатика“, рече портпаролката на Обвинителството. Според неа, потенцијалната штета е во милиони евра, но налози за апсење се уште не се издадени, објави ДПА.
Според извештаите на германските медиуми, јавува ДПА, во центарот на истрагите е голем производител на цитостатици во Хамбург. Компанијата, наводно, поткупувала лекари за пристап до рецепти на пациенти со карцином. За возврат, наводно, лекарите добивале пари, заеми што не морале да ги вратат, луксузни возила или опрема за нивните канцеларии, јави ДПА.