Нов протест во Минск против интеграција со Русија
Луѓе денеска повторно се собираат во Минск на протест против плановите за поголема интеграција меѓу Белорусија и Русија. Протестите следуваат откако најмалку 1.500 луѓе вчера се собраа во белорускиот главен град, поради средбата на рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко во Санкт Петербург на која преговараа за серија „патокази“ за зголемено поврзување на двете земји.
Вчерашниот собир беше најголем од трите протести во Минск кои се одржаа овој месец и покрај предупредувањата на полицијата.
Но, полицијата не спроведе апсења за време на протестот на 20 декември, а демонстрантите маршираа од Октомврискиот плоштад до Плоштадот на независноста, каде го одржаа собирот држејќи бели транспаренти со црвени ленти – што го означуваат забранетото знаме на првата независна Белоруска Република, како и знамиња на Европската унија и постери со пораки против интеграцијата со соседна Русија.
Најновите разговори доаѓаат откако двајцата лидери не успеаја да постигнат договор на 7 декември во Сочи.