Руската црква ги прекина односите со Александриската патријаршија поради украинската црква
Руската православна црква денеска соопшти дека ги прекинува врските со патријархот александриски и сеафрикански Теодор Втори, зашто ја призна Украинката православна црква, независна од верската управа на Москва.
Светиот синод на РПЦ, по денешниот состанок во Московската патријаршија, наведе дека од сега не може да се споменува името на патријархот Теодор Втори во молитвите и не може да учествува во заедничките молитви. Во соопштението се осудува „личната одлука“ на патријархот Теодор Втори „да ги признае украинските расколници“ и се наведува дека таа одлука не ја поддржува Светиот синод на Александрија. Тие соопштија дека ќе одржуваат врски со владиците од Александрија кои не ја поддржаа независноста на украинската црква.
Активностите на александриската парохија во Москва ќе бидат суспендирани, а руските парохии во Африка веќе нема да работат под покровителство на Александриската патријаршија, туку ќе бидат под непосредна управа на рускиот патријарх Кирил.
Црквата во Александрија е една од најстарите во христијанството.
На почетокот на јануари Вселенската патријаршија ја призна автокефалноста на Украинската православна црква. Московската патријаршија, која и понатаму има голем број парохии во Украина, ја прогласи таа одлука за нелегална и ги прекина врските со вселенскиот патријарх.