Судењето за „Рекет“ продолжува на 3 јануари со сведочење на обвинителката Јосифовска
![Судењето за „Рекет“ продолжува на 3 јануари со сведочење на обвинителката Јосифовска](https://gdb.rferl.org/BBC6C820-947B-479B-A0EA-E36BB27D40C2_w800_h450.jpg)
Судењето за случајот „Рекет“ ќе продолжи на 3 јануари 2020, со сослушување сведоци, меѓу кои и заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска.
На денешното рочиште сведочеше Христијан Баневски, кој работел како новинар во 1ТВ, чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски – Боки 13. Баневски кој во телевизијата работел како репортер сведочеше дека во работните задачи неретко учествувал и Јовановски. Тој од него побарал да се истражува за велешката фабриката „Агриа“, која наводно сторила кривични дела. Баневски рече дека кога го побарал сопственикот на фирмата, тој му се развикал и му рекол –„вие не сте новинари, вие сте рекетари“. Тој уште еднаш зборувал со сопственикот.
Новинарот рече дека побарал образложение од Јовановски дали го рекетирате сопственикот, на што тој одговорил – „Оваа телевизија треба да живее од нешто“.
Втора сведочеше хонорарно вработена во домот на Јовановски. Таа набројуваше кои познати луѓе доаѓале во неговиот дом.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, поранешната шефица на СЈО Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски призна вина, по што беше осуден на три години затвор.