ОН: Овој месец над 235.000 лица го напуштиле Идлиб
Повеќе од 235.000 луѓе побегнале од своите домови во сириската провинција Идлиб, која е под контрола на бунтовниците, додека владините сили ја засилуваат офанзивата, соопштија Обединетите нации.
Егзодусот се случи меѓу 12 и 25 декември, како што борбите на тоа место се засилуваа. Идлиб е последниот поголем регион, кој се наоѓа на северозападот на Сирија, кој е под контрола на бунтовниците кои се противат на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Идлиб од крајот на ноември го бомбардира сириската Влада со поддршка на Русија, а зголемените воздушните напади и борбите на копно од средината на декември, го забрзаа цивилното раселување, се вели во извештајот на ОН.
Десетици илјади семејства, вклучително и оние кои многу пати се раселени за време на војната, тргнаа кон северот на земјата со автобуси и приватни автомобили.
Повеќето од раселените цивили се движат кон градовите и бегалските кампови во северните области на Идлиб и во соседната провинција Алепо.