Заев очекува разумност во предлагањето кандидати за техничката влада
Верувам дека сите ќе бидеме разумни во внимателноста на предлагањето кандидати во преодната Влада,изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој ова го кажа неколку часа пред закажаната средба доцна попладне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за консултации за кандидадите во преодната Влада што треба да стартува од 3 јануари, на 100 дена пред одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април следната година.
Заев смета дека нема потреба од посебна средба со коалицискиот партнер и лидер на ДУИ, Али Ахмети околу кандидатите и посочи дека за тоа се можни консултации и по телефон.
Тој рече дека средбата со Мицкоски се реализира заради законската обврска каде што претседателот на најголемата опозициона партија треба да се сретне и да разговара со претседателот на најголемата владејачка партија и втората по големина владејачка партија.
"Tој денеска прави средба со мене за консултација за кандидатите за преодната влада, а прави средба и со г. Али Ахмети за координација за кандидатите за преодната влада. Верувам дека ќе бидеме сите разумни во внимателноста на предлагањето на кандидатите" рече Заев.
Заев, дополни дека кандидатите кои ги предложи СДСМ се познати личности.
Тој рече дека во изминатиот период на раководење со Владата носел храбри одлуки во корист на граѓаните и држвата, истакнувајќи ги договорите со соседните држави во контекст на евроатлантските перспективи и дополни дека сега ќе одлучуваат граѓаните.