Протести во Црна Гора поради верскиот закон
Во неколку градови во Црна Гора и синоќа со мали инциденти беа одржани протести и блокади на сообраќајот по повод усвојувањето на Законот за слободата на вероисповедта. Полицијата пред црквата на Христовото воскреснување во Подгорица употребила солзавец, бидејќи насобраните не сакале да се разотидат. Во близина на аеродромот кај Подгорица била каменувана полициска патрола и притоа полесно биле повредени четворица полицајци. Протести имало и во Никшиќ, Бар, Тиват.
Во петокот беше усвоен закон со кој на нов начин се уредуваат односите меѓу државата и црквата односно нејзиниот имот. Против законот реагираше Српската православна црква во Црна Гора, оценувајќи дека законот ќе доведе до грабеж на имотот на таа црква.