Ердоган бара од парламентот одобрение да прати војници во Либија
Турското претседателство испрати барање до парламентот за испраќање на војници во Либија, јави турската државна агенција Анадолија. Пратениците се очекува да гласаат за одобрување на барањето кое претседателот Реџеп Таип Ердоган го потпиша во четвртокот. Минатата недела тој рече дека очекува гласањето да се случи на 8 или 9 јануари. Барањето се очекува да помине бидејќи партијата на Ердоган има мнозинство во парламентот. Тој вели дека владата на национален договор со седиште во Триполи, која е поддржана од Обединетите нации, побарала од Анкара да прати војници во пресрет на офанзивата од противничките сили. Пратениците од опозициската турска партија, Републиканската партија,пак, рекоа дека нема да го поддржат барањето наведувајќи дека Анкара треба да даде приоритет на дипломатско решение на состојбите во Либија.