Полиција влегла во магацин со донации од Заеви, СДСМ обвинува за хајка
Во магацин на улица „Ѓорги Трајков“ во Струмица каде се пакуваат хуманитарни пакети кои се донација од семејството Заеви, синоќа пред полноќ влегле полициски службеници и јавен обвинител, објави МИА. Полицијата и денеска е пред магацинот и е стопирана дистрибуцијата на хуманитарната помош, намената за граѓани од социјално-ранливи категории.
Александар Марковски од Здружението „Сите заедно можеме“, кое ги дистрибуира хумнитарните пакети, потврдил за упадот на полицијата и најавил прес конференција, на која ќе соопштат повеќе детали. Според него, полицијата синоќа упаднала во објектот и барала документи за потекло на стоката. Од здружението изјавиле дека документите се кај донаторот, односно кај семејството Заеви. Синоќешниот настан го потврдија и од ОЈО Струмица. Струмичкиот јавен овинител, Миле Петков, рече дека обвинителството постапило по барање на полицијата.
Од партијата на Заев, СДСМ, реагираат дека, како што велат, „скандалозно е тоа што структури на Наќе Чулев во полицијата се обидуваат да попречат хуманитарна акција и дека е тоа типично за ВМРО-ДПМНЕ“.
„Барам одговорност за скандалот што доцна ноќеска се случи во Струмица, каде преку злоупотреба на полиција и државни институции ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се обидоа да спречат хумана, солидарна акција за помош на моите сограѓани. Очекувам од надлежните институции да спроведат истрага и да ги посочат виновниците. ВМРО-ДПМНЕ со полициски режимски структури
синоќа до рани утрински часови вршеше притисок и закани врз волонтери и членови на граѓанска организација“, реагираше поранешниот премиер Зоран Заев на ФБ.