МОН: Реформите во образованието се согласно препораките на Светска банка
![МОН: Реформите во образованието се согласно препораките на Светска банка](https://gdb.rferl.org/9c5c4067-d74c-4dd2-abb5-61407e8a3320_w800_h450.jpg)
Предложените реформи во основното образование се во целосна согласност со препораките на Светска банка, објавени во последната белешка која се однесува на основното образование во Северна Македонија. Светска банка препорачува создавање подобар образован систем во кој учениците ќе бидат во фокусот, а наставниците ќе добијат поддршка, како и подобрување на условите во училиштата со што ќе се обезбеди инклузивен пристап, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).
„Предложената концепција за основно образование предвидува развој на критичкото размислување кај учениците, како и поврзување на знаењата низ различни дисциплини низ интеграција на предмети, што е препорака и на Светска банка. Преку наставната програма учениците мора да се стекнат со вештини што им се потребни за да се развие нивното критичко мислење, како и да бидат активни и релевантни учесници во општествениот живот. Исто така, треба да им се помогне на учениците подобро да ги поврзат различните предмети и да го применат своето знаење во реални ситуации. Процесот на учење треба да биде организиран на начин што овозможува да им се слушне гласот на сите ученици и врз основа на повратните информации, да бидат свесни за постапките што ги презеле, стои во документот на Светска банка“, наведува МОН во соопштението.
Царовска: Не брзаме, туку доцниме со реформите
Најавените реформи од МОН наидоа на жестока критика и отворија широка дебата во последните триесетина дена. Јавното мислење е поделено особено околу предлозите за спојување на предмети во еден во основното образование.