МПС: Полицијата да се вакцинира против ковид во прва фаза
Македонскиот полициски синдикат (МПС), во име на 8500 членови, денеска побара вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за национална безбедност, Управата за финансиска полиција и Агенцијата за разузнавање да бидат вакцинирани во првата или најдоцна во втората фаза од имунизација против Ковид-19.
Претседателот на синдикатот, Марјан Кицев, изјави дека нивното барање е испратено до премиерот Зоран Заев, министрите Венко Филипче и Оливер Спасовски и до директорите на агенциите во МВР, Ерол Муслиу, Виктор Димовски и Арафат Муареми. Тој вели дека барањето е поради природата на нивите секојдневни активности во справувањето со коронавирусот.
Од денеска треба да почне да работи интернет страница vakcinacija.mk на која секој граѓанин може да се пријави за вакцинирање против ковид-19, а системот сам ќе ги одреди приоритетните за вакцинирање, како и местото за вакцинација. Македонија очекува наскоро да ги добие договорените 200 илјади кинески вакцини, но точен датум за почеток на имунизацијата се уште нема.