Вработените во Ватикан кои одбиваат вакцинација може да бидат отпуштени
![Вработените во Ватикан кои одбиваат вакцинација може да бидат отпуштени](https://gdb.rferl.org/dcb3ee15-bce4-4b2e-87cc-c8d7c987515a_w800_h450.jpg)
Вработените во Ватикан, кои одбиваат да бидат вакцинирани против ковид-19, може да бидат отпуштени од работа, се наведува во уредбата , која Ватикан ја објави денеска, пренесува АФП.
Според тестот од донесената уредба, вработените мора да имаат документирана медицинска причина за одбивање на вакцината или ќе се соочат со „последици од различни степени што можат да достигнат дури до престанок на работниот однос“.
Документот, кој се повикува на ватиканскиот закон од 2011 година, исто така се однесува на кандидатите за работа, наведувајќи дека Светата столица може да не ги ангажира ако одбијат да се вакцинираат.
„Одбивањето на вакцинацијата може да биде ризик и за другите (и) сериозно да ги зголеми ризиците по јавното здравје“, се вели во документот.
Во истиот текст, исто така, се наведени казни од 25 до 50 евра за неносење маска или запазување на социјално дистанцирање и до 1.500 евра за кршење на карантинските правила.
Папата Франциск се вакцинирал против Ковид-19
Ватикан минатиот месец започна бесплатно да ги вакцинира своите вработени. Папата Франциско, 84, и неговиот 93-годишен претходник папата Бенедикт Шеснаесетти примија вакцина.