Стамов – На ВМРО-ДПМНЕ му треба соочување со реалноста
Вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи под слоганот „Сплотени во победа“ на 28 март во Скопје, соопшти денеска Иницијативниот одбор. Борче Стамов од Одборот рече дека веќе се собрани голем дел потписи од делегатите и очекуваат поголема посетеност од конгресот во Валандово.
„367 делегати во Валандово го дадоа својот глас за сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски и заслужуваат лично од него, на конгрес да слушнат дали е задоволен за тоа каде е партијата после три години и дали резултатите кои ги оствари се максимумот што можел да го постигне“, рече тој.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука редовниот конгрес да се одржи во ноември
Стамов рече дека на ВМРО-ДПМНЕ му треба соочување со грешките и со реалноста. Според него, на 28 март ќе се гласа оценка за работата на Мицкоски, и ако тој не ја добие довербата, тогаш Конгресот ќе бира нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во ваква ситуација, да не може да се победи еден слаб и неодговорен СДСМ, значи дека нешто не е како што треба во ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој и ги повика сите заинтересирани за лидерското место во партијата да подготват програма со која што ќе настапат пред делегатите.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, донесе одлука да се одржи редовен конгрес на таа партија во ноември.