И ВМРО-ДПМНЕ е за интерпелација за министерот Спасовски
![И ВМРО-ДПМНЕ е за интерпелација за министерот Спасовски](https://gdb.rferl.org/EA38D5EA-A557-4E0C-A46D-B6F961BC5A4D_w800_h450.jpg)
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека неговата партија ќе ја поддржи интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, по случувањата со Сашо Мијалков.
Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Мијалков, кој е обвинет за незаконско прислушување на илјадници граѓани, две дена беше недостапен за да биде спроведен во притвор, по што му беше распишана и меѓународна потерница. По два дена сам се пријави во Обвинителството со оправдување дека бил болен и не знаел што се случува. Министерот за финансии искоментира дека во случајот со Мијалков „вината е во системот“.
А што ако прислушувал исчезнатиот зол близнак на Мијалков?
Мицкоски вели дека постојат многу аргументи зошто да замине, како што го нарече, „најнеспособниот министер за внатрешни досега“ и дека се надева дека ќе имаат мнозинство во Собранието да ја изгласаат интерпелацијата.
„Ако институциите затаиле, требаше да има одговорност. Почнувајќи од него, па до тие што стоеја таму до него и кои што клатеа со главите додека тој зборуваше. Ниту одговорност видовме, ниту ќе видиме. Зошто? Затоа што сите се влезени во ортаклук. Криминална мафија владее со Македонија“, рече тој и најави дека „деновиве ќе објават нови афери за Спасовски“.